09 ноември 2007

Норвешка


Секое патување носи одредена импресија која ни остава слика за една култура, народ, ред и функционалност на државата во која се наоѓате. Го гледате лицето на државата преку нејзината инфраструктура, патна мрежа, сообраќај од секаков тип, загадување, чистота, точност на поаѓање на време на пристигнување на превозните средства, места кои можете да ги посетите, работи кои можете да си дозволите да ги купите итн. И секое запознавање со некоја нова култура на живеење ви дава одраз на тоа каков сте вие, што треба да направите за да ја подобрите вашата животна перцепција, или како вие можете понекогаш да бидете пример за култура на живење таму каде што сте.

Искрено се радувам што ете имам можност повремено да патувам и да се трудам да црпам и учам од секое ново патување, познанство и настан. Да уживам во широки плоштади, чисти улици, стара архитектура која е одлика на одредено поднебје и култура, во дивината на пејсажите, зеленилото, боите на сите годишни времиња, мирисот на морето, реката, заливот, езерото, во едноставноста на луѓето и животот што тие го водат.
Навистина е тешко да се пронајде тоа насекаде со оглед на комплицираноста на денешното животно темпо, но се чини тој дух ме опфати барем малку во едноденелното патешествие низ норвешкиот север, каде што бројните мали фјордови го заплискуваат секое катче од брегот и упорно навлегуваат длабоко во копното во времето на морската плима.
Возењето со воз од Осло па околу 900 км на север открива претслика на поларниот круг без разлика што температурата и не беше многу ниска. Но во периодот од мај го крајот на јули ноќта ја заменува поларната светлина. Густа вегетација на шума, малечки станици, гратчиња, села заобиколени од планини и езера и морето од една страна кое го бара својот пат во внатрешноста на копното. И како се повеќе возот го пробива северот, така се поретки стануваат населбите и чувствувате дека се губите во широкото пространство на огромната територија, многубројни места за кампирање и риболов, мали дрвени куќички кои не патат од предимензионираност и мегаломански изглед без разлика на длабочината на норвешкиот џеб, чиста околина и ред, архитектонска релативна униформност која соодветствува на околината. Подоцна слушнав дека не само што не ви е дозволено да ја градите вашата куќа и викендица онака како што сакате, туку треба и бојата да одговара на локацијата и средината каде што се гради.
Можам само да замислам донесување на еден таков закон кај нас. Мислам дека половина од државата би била во рушевини.

Во чекалната на универзитетскиот град Трондхајм, додека го чекам следниот воз за Гронг уште малку понасевер, ја посматрам марината крај железничката станица и немирното море кое ги капи едрилиците на доковите. Сега северот почнува да се буди и да го покажува своето вистинско лице. Но се навикнав да уживам и во таа глетка само кога морето е близу мене, кога го чувствувам мирисот на брегот, и гледам како градот се претопува во сјајот на зајдисонцето засенет од морското плаветино.
Продолжувам понатаму уште три долги часа после тродневното патување дотука. Веќе сум уморен. Како недоглед пространството се отвора уште повеќе, гратчињата повторно оживуваат, веќе се стемнува, од воз се качувам во автомобил само уште три часа понасевер. Се прашувам има ли крај...
Заморот го прави своето и пополека дремам додека возиме према полуостровот Бронојсунд, па чекаме на траект до другиот крај на брегот. Ми годи свежиот морски воздух од поветарецот на платформата на бродот, па освежен се враќам во автомобилот на другиот крај од полуостровот па ете, само уште последните 50км па готово. Веќе го замислувам креветот и слаткиот сон. Пристигнуваме. Имам сили само за едно туширање, поздрав со домашните и долг сладок сон до наредното попладне :-)).
Деновите поминуваат брзо во кратки прошетки, рзгледување на малото гратче, локалните продавници, дегустација на неколкѕ видови домашен кавијар, прошетки крај морето и возење со бродче по локалните острови.
Во близината на градот се наоѓа и локалитет каде што за време на Втората светска војна германската команда градела еден куп подземни бункери и набљудувачки позииции кои ќе ја штитат од евентуален напад на сојузниците по норвешкото море, што и не се случи, но сепак тоа место остави трага и во животите на многу балкански народи кои биле доведени како принудни работници да ги градат овие фортификациски објекти.
Уште една трага на балканските посетители претставуваат и куќичките крај еден мал брег каде што биле сместени и бегалците од босанската па и од косовската војна. Приказните за нив се нажалост секакви, а како белег на балканскиот синдром на уништување сведочат и полураспаднатите објекти кои некогаш претставувале дом на незгрижени луѓе чија мака ги натерала да побараат бекство дури на далечниот север. Но сепак дел од нив морале да остават доказ за простотилукот што го носат и манирите на благодарност преку деструктивно однесување, криминал и рушење на она што не им припаѓа.

Но тоа и неможе да ја расипе сликата за земјата која најшироко отвори врата за голем број на емигранти од целиот свет и даде шанса истите да го пронајдат своето место под сонцето тука и да ги практикуваат слободно своите обичаи и традиции.
Заминувам нагостен, одморен, со топло чувство на прифатеност од страна на моите домаќини и гледам како пополека, испратен од топлото сонце, северот го заменува една друга глетка на реалноста на животот, еден поинаков свет кој допрва треба да се менува и прилагодува на новите токови. Добре си дојде назад на Балканот, во Македонија.
Ѓубре на улиците, несреден рахитичен град кој мисли дека се нарекува метропола, бетонска џунгла на асфалт и тешко проодливи пешачки стази, зградишта во квазиархитектонски кич, сивило и одамна изгубен идентитет. Многу зборови ми доаѓаат, но не сакам да го расипувам впечатокот на привременото бекство па овде ќе замолчам.
Ете, тоа е мојот свет засега, ваков или онаков, го сакам дури и кога го мразам. Но се надевам дека може да се промени. Што побрзо, тоа подобро!!!

Нема коментари: