02 февруари 2007

Ние и СИ ЕН ЕН


Алоха, пред извесно време имаше мала еуфорија во некои медиуми дека CNN weather го има забележано Скопје како дел од денешна Србија, т.е. некогашна Југославија.
Бев веднаш на сајтот и ја отворив страницата на СИ ЕН ЕН и видов дека тоа не е вистина и не верувам дека ваква сериозна телевизиска станица би си дозволила ваков гаф. Без разлика што понекогаш американците се прагматично затупени во одредени изјави или контракултурни дебати, мислам дека овој пат за џабе си правиме лоша реклама дека не се знае доволно за нас од икс причини.
Ваквата несериозност можеби им годи на некои медиуми да увезуваат непотребна паника и глупости и со тоа да ни то зајакнуваат таканаречениот патриотизам, за да бидеме малку подалеку од некои вистински проблеми кои ни се случуваат дома.
Затоа, прво вие драги медиуми научете каде е Македонија а после кривете го СИ ЕН ЕН за сé друго.
Кој не верува нека отиде на порталот да види дека покрај Скопје, за временската прогноза стои
Macedonia и само Macedonia.



09 јануари 2007

И по Садам, Садам!!!


Крајот на старата година помина делумно во еуфорија, делумно во амбиент било и да не се повтори. Меѓу настаните што оставија белег за паметење, мене ми остави симпатичен и помалку комичен впечаток овој некролог на некогашниот ирачки претседател, некои ќе го наречат помалку или повеќе диктатор, батина и бог, некогаш семоќниот "вавилонски" потомок, господинот Садам Хусеин.

Долупотпишаниот г-н Слобо кој му оддава почит на тукушто обесениот за воени злосторства Садам, нé потсетува на едно време кога со полна надеж го полневме домашниот и девизниот буџет на привремена работа во пустинскиот Ирак и околниот арапски свет, каде што голем број на работници од тогашната СФРЈ pa i СР Македонија се печеа на пустинското сонце во тогашната блиско источна долина на рајот, градејќи го царството на Садам. Се градеа мостови, фабрики, улици, бункери и што сé не, а за возврат се стекнуваа американски долари, нафта за потребите на нашата федерација, friendship & fellowship со тамномурестите студенти кои во контигенти доаѓаа во пријателската СФРЈ како симбол на блиско-источното пријателство не само со Ирак, туку и со целиот арапски свет и потсетуваа на времето кога зборот "Израел" значеше повеќе општонародна пакост, а не "ветена земја", а покрај Садам, името на еден Јасер Арафат беше помен на добрите социјалистички пароли од типот "Нема рата без Јасера Арафата", или "Одавде до Пакистана, буде земља партизана"... Ах, јас само би рекол, those were the days my friend!!!

Државата се промени, дојдоа некои нови клинци, работниците од Ирак си заминаа, а типовите од каде што потекнуваа истите слатки УС долари, одлучија дека овој претседател повеќе не се вклопува во стратегијата на нафташките султанати и решија на културен начин прво да го замолат да се пензионира и замине во мир, секаде ама подалеку од Вавилон. Ама Садам го намрси мустаќот, им се заврте и им рече "No pasaran, пуцајте, ја и сада држим час". И така авиончињата летнаа, војските се намножија, а од некогашната СФРЈ, делот наречен бивша СРМ или сегашна РМ, а официјално меѓународна ПЈРМ (FYROM) реши повторно да ги испрати своите жетвари по УС долари во операцијата иронично наречена Freedom for Iraq. Ги јавнаа коњите, го облекоа подарените униформи и се втурнаа да ја опраат демократијата заедно со другите јавачи на апокалипсата и да придонесат во фаќањето, судењето и ликвидирањето на овој лош Садам, чунки да се помогнело во изградбата на до темел нестабилната и срушена цивилизација на тие богати вавилонци со лоши манири на раководење. Нажалост, по нив заминаа и некои други жетвари на истите УС долари, ризикувајќи заработка по цена на изгубен живот во пустинскиот песок, кои во недостаток на ефикасна дипломатија или државна стратегија, ги оставија своите коски и за последен пат се потпишаа во една од многуте јавни егзекуции на сега разулавените антиамерикански и антизападњачки орди на злото (нечии борци за слобода во слободен превод).

Во јато кон НАТО, за дом спремни, доларите и не се баш тие од некогаш, ама земјата е иста, додуше опустошена, со крвнички комплекс на секојдневно одземање на животи, со туѓи војски, во туѓи војни, ама овојпат со нас како еден од факторите за смирување на арапите од самите себе, а Израел сега ќе стане наша ветена земја!!!