Јас сé уште не можам да изберам достоен збор за збогување со овој симпатичен младич, редок пример на јавна личност од шоубизнисот и воопшто особа што зрачеше со толкав оптимизам за живот, исполнета радост, искрена верба во животот и вера во Бога, нерасипан продукт на толку разгалената балканска естрада, момче со одлика на едноставност, секогаш добра воља и нежност. Тешко ми е сега да кажам било што, а ете, не го познавав човекот, а ниту пак редовно ја следев неговата кариера или слушав неговата музика. Но ме погоди мислата на расплетот на животот и смртта, границата на постигнување на можното и невозможното, точката на растегнување на човековиот талент до точката на кинење, каде сме ние како луѓе во оваа приказна на животот? Каде сум јас како човек и која е смислата на мојот живот? Дали јас како човек следам по секоја цена одредена цел за која сум спремен да одам до крај и да платам по цена на мојот живот? Многу прашања на кои секако дека често немаме одговор се додека не бидеме погодени од некоја трагедија на изгубен млад живот, во случајот момчето со ангелски глас, амбасадорот на Македонија кој отвори многу граници што ниту една политичка гарнитура не може во така краток период да ги отвори, да поврзе толку луѓе кои со солзи, плач, свеќи и пеење на неговите песни го слават животот и надежта од еден позитивен дух и мисија да се подели насмевката со некој кој не умее да ја покаже или подари на друг? Ете, самиот си давам одредени одговори за смислата на нашето постоење, Божјата воља за живот кој има смисол, кога ќе подариш нешто што нема да те осиромаши, а ќе го збогати твојот ближен.
Тоше и таков каков што беше во својата скромност и едноставност ја исполни мисијата со својата дарба. Сега кога го гледам на вести Балканот обединет во тага, гледам дека ние кои се уште ја живееме нашата мисија не треба да бидеме загадувачи на просторот означен за живот, нации што се мразат, убиваат, проколнуваат, водат војни, крадат и убиваат, навлекуваат проклетство и на себе и на своите потомци. И колку несреќи треба да нé снајдат поединечно или групно за да сфатиме дека сме си потребни едни на други како сврзани садови овакви какви што сме, дека треба да го бараме од Бога дарот на безгрешната љубов и човечност да си служиме едни на други, да се подигаме кога е најтешко и да бидеме писмо еден за друг, за сите, напишано на нашите срца.
Тоше, ти требаше да ја извршиш својата мисија и да заминеш во мир, едноставно во сон таму негде на патот, а јас да го живеам денот и да учам секојдневно поставувајќи си го ова прашање, Господе, направи ме утре подобар човек, од денеска и покажи ми го вистинскиот правец!!!
Збогум Тоше! Пеј слободно на небото, сигурен сум дека веќе имаш добро место меѓу хорот на ангелите. Господ е сега навистина со тебе. Верувам!
Тоше, ти требаше да ја извршиш својата мисија и да заминеш во мир, едноставно во сон таму негде на патот, а јас да го живеам денот и да учам секојдневно поставувајќи си го ова прашање, Господе, направи ме утре подобар човек, од денеска и покажи ми го вистинскиот правец!!!
Збогум Тоше! Пеј слободно на небото, сигурен сум дека веќе имаш добро место меѓу хорот на ангелите. Господ е сега навистина со тебе. Верувам!


Нема коментари:
Објави коментар