Ниту еден Македонец на листата најуспешни кандидати
Мери Јордановска
Време
Ако сте Македонец, а во огласот за вработување пишува дека ќе се применува начелото на соодветна и правична застапеност, немојте да конкурирате. Вака, само со поинаков избор на зборови, гласи образложението на Генералниот секретаријат на Владата по последниот објавен конкурс за вработување на 200 помлади соработници за правни, економски или административни работи. На конкурсот, кој заврши минатата недела, сите 200 примени кандидати се Албанци. Реакциите на одбиените кандидати со македонска националност се големи. Тие велат дека загубиле неколку месеци со овој конкурс, некои од нив зад себе имаат и по два магистерски труда, а некои неколкупати од внатрешноста на земјава доаѓале во Скопје за да се информираат за текот на конкурсот. Услов за вработување, според конкурсот, е кандидатите да имаат завршено високо образование, да знаат англиски јазик, да немаат работно искуство и да добијат добра оценка на интервјуто. На крајот на огласот објавен во јули пишува „при вработувањето извршители-државни службеници за наведените работни места ќе се применува начелото на соодветна и правична застапеност во согласност со Законот за државни службеници“. Кандидатите се прашуваат од кога правичната застапеност значи вработување само Албанци. Но од Владата велат дека тоа е бројка на вработувања што мора да се пополни според рамковниот договор. Македонците што се јавиле на огласот добиле одговор дека не се во листата на најуспешните. - Ми рекоа дека биле пријавени вкупно 4.000 кандидати. Два месеца чекав за да ме викнат на интервју. Кога дојдов, сите што беа повикани се викаа „Дејан“. Значи бројката на пријавени била толкава што интервјуата се правеа според имињата на кандидатите. Пред да аплицирам, се јавив во Агенцијата за државни службеници. Прашав да не случајно огласот е само за Албанци, но ми рекоа дека нема врска и дека единствен услов се квалификациите. Знаев дека нема да биде така, но не мислев дека ќе отпаднат баш сите пријавени Македонци. Луѓето загубија и нерви и време, особено оние што доаѓаа од внатрешноста. Можеа барем да ни кажат наместо да лажат - вели еден од одбиените кандидати. Друг кандидат на веб-страницата на „Он.нет“, објавувајќи ја листата на примените кандидати пишува: „Од кога во Македонија најуспешни кандидати се само Албанците, од кога националноста стана главен и единствен критериум за вработување во државните институции? Зошто на огласот не беше назначено дека нема да се примаат Македонци? Конкурирање, интервју, долго исчекување, надежи, а на крајот само болно разочарување“. Одбиените кандидати, како што велат, не реагираат поради начелото на правична застапеност, туку затоа што загубиле време во исчекување, не знаејќи дека огласот е наменет само за Албанци. Извори од секретаријатот на Владата признаваат дека одредени огласи се наменски. Кај некои од нив се прават отстапки, но некаде не. Таму велат дека не е во согласност со Уставот да се пишува за која заедница се однесува конкурсот, па затоа стои „правична застапеност“. Ивица Боцевски, портпарол на Владата, вели дека огласот бил објавен во согласност со обврските од рамковниот договор. - Владата ги спроведува и ќе ги спроведува обврските од рамковниот договор. Тоа е дел од нашата политика, што води кон стабилност и добри меѓуетнички односи - вели Боцевски. Примените кандидати, откако ќе заврши процесот на жалбена постапка, ќе бидат вработени како државни службеници, а потоа ќе бидат распределени во надлежните институции.

Нема коментари:
Објави коментар