„Бисери“ го зацрнија новинарството
Односот на новинарите во телевизиското соочување со Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше Проески, од вчера е под жестока критика и осуда од јавноста.
„Зошто се дозволи неписмени новинари да не' посрамотат пред целата балканска и европска јавност? Која беше целта? Дали да се покаже дека новинарите немаат никаков кодекс на професионалност и етика? Се натпреваруваа кој повеќе ќе ја нападне, омаловажи и понижи Лилјана Петровиќ... Новинарите успеаја на мизерен начин да го исплукаат делото на Тоше Проески. Новинарите се искомплексирани лузери...“, прашуваа и коментираа гледачите по завчерашното телевизиското соочување на Петровиќ со новинарите.
Што работела менаџерката Лилјана Петровиќ во Грција, дали се познавала со српскиот криминалец Вања Бокан од времето на владеењето на Слободан Милошевиќ, во какви врски била со лихвари, колку картички имала, дали го убедувала Проески дека во Македонија никој не го сака, како се делеле парите од концертите, која девојка му значела, дали таа го конфронтирала со новинарите... беа главните прашања што на менаџерката и ги поставуваа претставниците на медиумите.
Најмногу негативни реакции кај гледачите предизвика однесувањето на Зоран Божиновски, новинар на неделникот „Фокус“, кој отворено и' порача на менаџерката „да си го плати данокот и да си замине од државава“. Божиновски е автор на текстот во кој Петровиќ беше обвинета за финансиски малверзации со договорот на Проески за новогодишен настап во Будва. Во емисијата се потврди дека договорот и' бил украден кога таа по несреќата била во болницата во Славонски Брод. Украдениот документ им бил нуден за објавување на неколку македонски медиуми, кои одбиле, а подоцна беше објавен во Хрватска.
„Не може еден Божиновски да мавта пред јавноста со украдени документи за кои вели дека само на суд ќе каже од каде ги добил. Срамно е да признае како трчкарал и ѕвонел по сите блиски на Тоше, барајќи поткуп за да не ги објави украдените документи“, се вели во една од реакциите на гледачите.
Незадоволство во јавноста предизвика и однесувањето на неколку други новинари, кои си дозволија на отворена сцена да се расправаат со Петровиќ. Единствените пофалби што пристигнаа се однесуваа на професионалниот однос на новинарката на „Дневник“ и на хрватскиот неделник „Глорија“. Роберт Поповски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија, вели дека и покрај разочарувањето, добро е што јавноста го препознава неквалитетот.
- За жал, ние ги навикнавме луѓето на едно многу ниско ниво на професионална понуда, а не е значајно кои се причините - дали сопствениците на медиумите или нешто друго. Резултатот на крајот е поразителен. Радува тоа што публиката го препознава неквалитетот и драго ми е што реагира. Тоа, веројатно, ќе ни помогне да ги расчистиме сопствените редови. Ја повикувам публиката постојано да реагира на неквалитетот на медиумите.
Според Жанета Трајковска, директорка на Македонски институт за медиуми, целата дискусија во емисијата била изместена.
- Одвреме-навреме личеше на лична пресметка помеѓу одредени новинари и менаџерката. Некои од новинарите го искористија моментот да се обидат да најдат виновник за несреќата и да ја обвинат неа. За жал, некои од новинарите не се подготвиле и поставуваа неконцепирани прашања, не ги слушаа одговорите и како однапред да имаа изграден став. Некои од нив заборавија на професионалните стандарди и неаргументирано влегуваа во конфликт со соговорникот - истакнува таа.
„Аворд“ и Петровиќ му се заблагодарија на „Дневник“
Издавачката куќа „Аворд“ и менаџерката Лилјана Петровиќ вчера му се заблагодарија на „Дневник“ за „професионалниот однос со кој весникот ја следеше кариерата на Тоше Проески и за професионалноста во известувањето по неговата смрт“.
Благодарноста следува непосредно по емитувањето на емисијата „Бисери“, во која односот на дел од новинарите предизвика жестоки негативни реакции во јавноста.
Со став дека не треба сите новинари да се стават во ист кош, издавачката куќа „Аворд“, вчера до нашата редакција го испрати следново соопштение:
„Од името на издавачката куќа ‘Аворд’ и на Лилјана Петровиќ, би сакале да му изразиме голема благодарност на ‘Дневник’ за сета поддршка и професионалност во следењето на целокупната кариера на Тоше изминативе години, како и за објективното известување во периодот по трагичната несреќа во која загина Проески. Посебна благодарност и почит до Вашите новинари Соња Алексоска-Неделковска и Ненад Мирчевски за исклучително коректниот и професионален однос при пренесувањето на интервјуто со Лилјана Петровиќ, како и при нејзиното обраќање кон медиумите во емисијата „Бисери“. Со тоа ‘Дневник’ целосно ги оправда нашата и довербата на читателите кон него. Токму поради професионалниот однос на ‘Дневник’, тој беше и единствениот печатен медиум во земјава за кого Лилјана Петровиќ даде ексклузивно интервју“.
Бранко Горгевски
| |

Нема коментари:
Објави коментар