Весна ДАМЧЕВСКА
Почнал како средношколец со неколку цигари марихуана, колку да види како се „лета“. На 19 години веќе бил на хероин. Дрогата секој ден се повеќе го земала во свои раце. Еден ден сфатил дека не може тој да одлучува кога ќе зема од прашокот и дека е зависник. Тогаш побарал помош. Тони Попов сега има 32 години. Пред 5 години се вратил од таму каде што, како што вели, ретко кој успева да се врати. Оженет е и има двегодишен син, Виктор.
- Помош бараат оние што ќе сфатат дека се зависни од дрогата. Но, додека за физичката зависност постојат апчиња, за психичката не постои лек. Јас својот лек го најдов во вербата во Исус и успеав потполно да се оттргнам од дрогата. Во тоа успеваат многу малку - вели Попов.
Во борбата против зависноста, Попов се бори со парите што тој и неговите партнери ги заработуваат во продавница за стара облека. Тоа е проект на норвешката фондација за борба против зависности од наркотици, „Марита“, која има претставништво и во Македонија, благодарение токму на Попов.
Во изминатите пет години активистите на „Марита“ низ цела Македонија одржале предавања во многу основни и средни училишта и на над 23.000 тинејџери им ја пренеле пораката: „Престани пред да почнеш“.
- Сакаме да им порачаме на младите никогаш да не земат ниту една доза од каква и да е дрога. Зависник практично се станува со едно земање. Затоа нашата работа ја насочуваме кон превенцијата од дрогата - објаснува Бојан Митановски, активист на „Марита“.
Тој вели дека секогаш им кажува на младите да не се залажуваат со тоа што нив, како поранешни зависници, денес ги гледаат живи, бидејќи од регистрираните 10.000 зависници во Македонија, преживеаните може да се набројат на прсти.
- Бевме друштво од седуммина. Сите земавме дрога, а само јас преживеав и веќе две години сум сосема чист. Првпат зедов дрога кога имав 14 години. Во моето маало лесно беше да се дојде до неа. Зедов од љубопитност и заглавив 10 години. Се уништив себеси, а и моите родители. Црниот дроб ми беше оштетен, имав тромбоза и рани од убоди по целото тело - ја раскажува својата потресна приказна, Митановски.
Во продавницата за стара облека во скопската населба Кисела Вода секогаш има многу луѓе што купуваат, а со тие пари активистите на „Марита“ спроведуваат кампањи во училиштата за превенција од дрога. Нивна желба е да отворат и центар за рехабилитација на наркозависници и да им помагаат на луѓето како што и ним им било помогнато кога им требало. |
Нема коментари:
Објави коментар