11 февруари 2008

Вавилонците и нашите градители на цркви

(Отворено писмо до премиерот)

Почитуван господине премиер, не се сомневам дека има луѓе што и' аплаудираат на Вашата одлука да градите православна црква на скопскиот плоштад, иако немам впечаток дека се толку многу колку што Вие сакате да верувате. Ваше право е да имате свои визии и уверувања, но со правата оди и одговорноста, нели. И пред Бога и пред луѓето. Повеќе луѓе веќе со право Ви укажаа дека со ваквата одлука го кршите Уставот (и секуларниот карактер на државата и еднаквоста на верските субјекти). Ни не обидувајте се да го порекнувате тоа. Зашто, ако се извлечете де јуре, виновни сте де факто. Укажано Ви е и тоа дека оваа своја одлука ќе ја остварите со парите на сите граѓани, иако најмалку 40 отсто не се православни, а реакциите во јавноста недвосмислено покажаа дека ни сите православни не го поддржуваат овој проект. А ни сите муслимани не ја поддржуваат проѕирната компензација со џамијата во Тетово. Јас, како христијанин, сакам да Ви укажам дека со ваквиот чин ги кршите и принципите на етиката, особено на христијанската етика. Еве зошто.Да му дадете подарок на најбогатиот, највлијателниот и најмногубројниот, не е никаква доблест. Таквиот чин може да биде конформизам, умилкување, лична суета, суеверие или нешто слично, но не и доблест. Барем не според христијанската етика, зашто Христос го учел токму спротивното. Верската заедница спрема којашто сте безрезервно наклонети има две илјади објекти. Една дузина помали христијански субјекти во Република Македонија воопшто немаат свој верски објект. Меѓу нив има и такви што на светот му дале по 3-4 нобеловци. Не им давате ни наменско земјиште, ни маркица за верски објект, ни дозвола за градба, ни одговор на барањата, а камоли државни пари. Ние сме горди што владите на претежно протестантските земји не и' го прават тоа на верската заедница којашто Вие овде ексклузивно ја протежирате.

Можеби ќе имавте чувство на правичност во оваа сфера ако во Вашиот стан се собираа на богослужби стотина верници 2-3 пати неделно. Или за симболични измени во ДУП да молите и да чекате 3-4 години. (Дали толку ќе трае и измената на ДУП за да се овозможи изградба на Вашата црква, останува да видиме). Или, ако министерот за транспорт и врски не ве удостојува ни со одговор на Вашите уредно архивирани дописи. А во сојуз со него и куп скопски градоначалници, кои се убедени дека им е света државна должност, на верниците кои не се припадници на нивното религиозно милениче, да не им дозволат ни да дишат од воздухот на нивната правоверна општина, а камоли да градат верски објекти!

Понатаму, со вакви и слични постапки, Вие станувате директен соучесник во протежирање на религиозен етнофилетизам, кој несомнено е типичен за вероисповедта што Вие ја устоличувате, но докрај е спротивен на Христовото учење. Ако Христос и Неговите апостоли имаа етнофилетистички дух, христијански цркви ќе се основаа само во Израел.

Сте размислиле ли за својата одговорност пред Господ, зашто барем Тој знае дека во многу храмови, наместо вера во Бога, се проповеда етнофилетизам, се практикуваат пагански обичаи, идолатрија, суеверие, празноверие, трговија... На едно такво место Христос отишол со камшик!

И Вас и сите други помпезни црквоградители сакам да Ве потсетам на една основна библиска вистина, силно нагласена од Светиот апостол Павле - да, токму оној што го донел изворното христијанство и во Македонија: „...Господ на небото и на земјата не живее во ракотворни храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце...“ (Дела на Светите апостоли, глава 17, стихови 24-25).

Конечно, заради сигурност во Вашите мотиви, добро ќе сторите ако се потсетите и на градителите на вавилонската кула, на нивните мотиви и на Божјото неодобрување: „И рекоа: Да си соѕидаме град и кула, висока до небото, И ДА СЕ ЗДОБИЕМЕ СО ИМЕ...“ (Прва книга Мојсеева 11:4). Ми се присторува дека препознавам современи вавилонски градители во нашата земја. Не знам зошто ми се наметна таквата асоцијација. Можеби затоа што ја читам Библијата.

Проф. д-р Иван Грозданов, припадник на христијаните баптисти во РМ

Нема коментари: