04 февруари 2008

Сизиф од Неготино во потрага по државна работа

Владо АПОСТОЛОВ

Во земја жив не се влегува и затоа морам да најдам работа. Вака 40-годишниот Орданчо Пецов од Неготино ја почнува приказната за неговите обиди да се вработи во државните институции.
Тој е дипломиран правник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и магистрирал на Полициската академија во Скопје, на одделот за криминалистика. Во последните три години тој се јавил на преку 200 огласи и конкурирал за повеќе од 1.000 работни места.
- Во 90 отсто од огласите јас сум меѓу првите пет најдобри кандидати и секогаш избираа некој друг, се жали Пецов.
Тој педантно ги собирал сите документи со кои конкурирал на јавните огласи, известувањата за одбивање, жалбите до второстепената комисија во Агенцијата за државни службеници и тужбите до институциите.
Неготинецот раскажува дека една скопска општина во периодот од 2005 до 2007 година објавила три конкурси за истите работни места и дека локалната самоуправа примила само неколку вработени, иако имало доволно кандидати што ги исполнувале условите на конкурсот.
-Ова е очигледно малтретирање, а првите луѓе на институциите се повикуваат на дискрециско право да ги повторуваат огласите.
Често чекаат кандидатот што им е по „вкусот“ да го положи испитот за државни службеници, вели Пецов.
Друг вид на дискриминација, раскажува тој, се случува кога се избираат кандидати што ги исполнуваат условите поставени на огласот, но немаат најсоодветно образование и најдолго искуство.
- Како државни советници се вработуваат лица со работно искуство од една година. Практика е на овие позиции да се ангажираат луѓе што имаат минимум шест години работно искуство, вели Пецов.
Професорот Борче Давитковски смета дека ова е причина повеќе да се смени начинот на вработување во администрацијата. Сега функционира системот за работни места според кој кандидатите треба да конкурираат за секоја позиција. Давитковски во книгата „За...“ тврди дека овој систем ја полни администрацијата со нестручни партиски кадри. Тој бара нов систем во кој администрацијата ќе вработува млади кадри, кои ќе напредуваат со текот на годините.
Пецов, пак, вели дека и понатаму ќе се обидува да се вработи во некоја државна институција, иако секоја ваква авантура го чини пари и време.


Нема коментари: